1. Како да го заштитите компјутерот од злонамерен софтвер и хакери?

Содржина

...Loading Table of Contents...

    Без оглед на вашите пошироки цели, одржувањето на компјутерите е прв чекор на патот кон подобра безбедност. Значи, пред да започнете на пример, со грижата за одржување на добри лозинки, приватната комуникација и безбедното бришење, треба да бидете сигурни дека компјутерот не е лесна мета за хакери или загрозен од злонамерен софтвер, како што се вирусите и шпионскиот рекламен софтвер. Ако не го направите ова, не е возможно да се гарантира ефикасноста на сите други безбедносни мерки на претпазливост кои би можеле да ги преземете. Сепак, нема поента да ја заклучите вратата доколку провалникот веќе влегол во куќата и нема потреба да ја пребарувате куќата, а сте ја оставиле вратата отворена.

    Затоа, ова поглавје објаснува како да го одржувате вашиот софтвер и да користите алатки како Avast, Spybot и Comodo Firewall за заштита на компјутерот од секогаш присутната опасност од инфекција со злонамерен софтвер и хакерски напади. Иако алатките препорачани во ова поглавје се за оперативниот систем Windows, кој е најранлив на овие закани, корисниците на GNU/Linux и Apple OS X се исто така изложени на ризик и треба да ја усвојат тактиката опишана подолу.

    Пример на сценарио

    Асани е активист за човекови права во франкофонска африканска земја. Неговите две деца тинејџери, Салима и Мухиндо, понудиле да му помогнат со некоја рутинска работа на компјутер, за која тој бил задолжен. Откако виделе во каква состојба е неговиот компјутер, тие понудиле да го научат на основите за тоа како компјутерот да го одржува безбеден и функционален. На Асани му се допаѓа и користењето на бесплатен софтвер и софтвер со отворен код, но не е сигурен во нивната безбедност, па прашува за совет.

    Што може да научите од ова поглавје

    • Нешто повеќе за природата на неколку од специфичните причини зошто злонамерниот софтвер е закана за приватноста и интегритетот на вашите информации, стабилноста на компјутерот и сигурноста на други безбедносни алатки
    • Како можете да користите голем број препорачани алатки за да се заштитите од овие закани
    • Како да ја задржите безбедноста на компјутерот преку редовно ажурирање на софтверот
    • Зошто треба да користите бесплатни алатки, за да ги избегнете опасностите од изминати лиценци или пиратски софтвер и популарните CСОК алатки за да ја подобрите вашата безбедност каде што е можно.

    Вируси

    Постојат многу различни начини да се класифицираат вирусите и секој од овие методи доаѓа со сопствен сет категории со живописни називи. Црвчиња, макровируси, тројански и бекдор вируси се некои од попознатите примери. Многу од овие вируси се шират преку интернет, користејќи ги електронските пошти, злонамерните веб-страници или други средства, за да ги заразат незаштитените компјутери. Останатите се шират преку преносните медиуми, особено уредите како УСБ-меморија и надворешен тврд диск, кои им овозможуваат на корисниците да запишуваат информации, како и да ги читаат. Вирусите може да ги уништат, оштетат или заразат информациите во компјутерот, вклучувајќи ги и податоците за надворешните дискови. Тие можат да ја преземат и контролата над компјутерот и да го користат за напад на други компјутери. За среќа постојат многу антивирусни алатки кои можете да ги користите за да се заштитите себеси и оние со кои разменувате дигитални информации.

    Антивирусниот софтвер

    Постои одлична бесплатна антивирус програма за Windows наречена Avast, која е лесна за употреба, редовно се ажурира и е почитувана од страна на експертите за антивируси. Потребно е да се регистрира еднаш на секои 14 месеци, а самата програма и редовното ажурирање се бесплатни.

    Практично упатство: Започнете со Avast! - антивирус

    Постојат неколку други добро познати комерцијални антивирус програми како алтернативни решенија на Avast. Clam Win е FOSS алтернативно решение на Avast. Иако ѝ недостасуваат одредени карактеристики кои се важни за една антивирусна програма, Clam Win ја има предноста што може да се вклучи од УСБ-меморија со цел да се скенира компјутер на кој не е дозволено да се инсталира софтвер.

    Совети за ефективна употреба на антивирусниот софтверот

    • Не користете две антивирусни програми во исто време, бидејќи ова може екстремно да го забави работењето на компјутерот или да предизвика пад на системот. Деинсталирајте една од програмите пред да ја инсталирате другата.
    • Проверете дали вашата антивирусна програма има можност за надградба. Многу комерцијални алатки кои доаѓаат веќе инсталирани на новите компјутери, мора да бидат регистрирани (и платени) во одреден момент за и понатаму да ги добивате нивните надградби. Сите софтверски решенија препорачани тука поддржуваат бесплатно ажурирање.
    • Проверете дали антивирусниот софтвер редовно се ажурира. Нови вируси се пишуваат и споделуваат секој ден, и компјутерот многу брзо ќе стане ранлив ако ги немате најновите дефиниции на вирусите. Avast автоматски ќе бара надградби кога сте поврзани на интернет.
    • Доколку постои можност, во вашиот софтвер за антивирус вклучете ја функцијата за детекција на вируси „Always On“ (Секогаш вклучен). Различните алатки имаат различни имиња за неа, но повеќето од нив нудат функција како оваа. Таа се нарекува „Realtime Protection“ (Заштита во реално време), „Resident Protection“, (Постојана заштита) или нешто слично. Погледнете во 3.2.1 упатство за Avast да научите нешто повеќе за постојаниот скенер на таа алатка.
    • Редовно скенирајте ги сите датотеки на компјутерот. Ова не морате да го правите секој ден (особено ако антивирусниот софтвер ја има опцијата „Always On“ (Секогаш вклучен), како што е опишано погоре), но треба да се направи одвреме-навреме. Колку често, зависи од околностите. Дали пред скоро време сте го поврзале својот компјутер на некои непознати мрежи? Со кого имате споделено УСБ-меморија? Дали често добивате чудни прилози со електронската пошта? Дали некој во вашата фамилија или канцеларија имал проблеми со вируси во скоро време? За повеќе информации за најдобриот начин да се скенираат датотеки, погледнете го упатството за Avast.

    Спречување на инфекција со вируси

    • Бидете екстремно внимателни кога отворате прилози испратени преку електронска пошта, споделени датотеки (на пример, преку инстант-пораки како MSN, Skype итн.) или преземени од интернет. Најдобро е да се избегне отворање на сите датотеки добиени од непознат извор. Ако морате да го сторите тоа, прво треба да го зачувате прилогот во папка на компјутерот, а потоа самите отворете го со соодветната апликација (како на пример Microsoft Word или Adobe Acrobat). Ако ги користите менито File (Датотека) на програмата за да го отворите прилогот рачно наместо со двоен клик на датотеката или со автоматско отворање преку програмата за електронска пошта, помала е веројатноста да се преземе вирус.
    • Размислете за можните ризици пред на преносните медиуми како што се ЦД-диск, ДВД-диск и УСБ-меморија во компјутерот. Прво треба да се провери дали вашата антивирус програма е ажурирана со најновите информации и дека нејзиниот скенер работи. Исто така, добра идеја е да се оневозможи функцијата „AutoPlay“ на вашиот оперативен систем, која вирусите можат да ја искористат за да го заразат компјутерот. Во Windows XP, ова може да се направи со одење во My Computer (Мојот компјутер), десен клик на вашиот ЦД или ДВД диск, со избирање Properties (Уредувач на својствата) и со кликнување на картичката AutoPlay. За секој тип содржина, изберете ги опциите Take no action (Не преземај никакво дејство) или Prompt me each time to choose an action (Прашај ме секогаш пред да започне дејство), а потоа кликнете OK.
    • Исто така, можете да помогнете во спречувањето на ширењето вируси со тоа што ќе се префрлите на слободен софтвер со отворен код, што многу често е посигурен и помалку е веројатно дека ќе биде цел на лицата кои ги создаваат вирусите.

    Асани: Имам чистач на вируси и го користам редовно, така што мојот компјутер мора да е чист, нели?

    Салима: Всушност не е доволно да се има само антивирусниот софтвер. Треба да го заштитиш компјутерот и од шпионски софтвер и хакери и затоа ќе треба да инсталираш и да вклучиш уште неколку алатки.

    Шпионски софтвер

    Шпионски софтвер е вид злонамерен софтвер кој може да го следи вашето работење, на компјутерот и на интернет, и да ги испраќа тие информации до некој кој не би требало да има пристап до нив. Овие програми можат, меѓу другото, да ги запишат зборовите кои ги внесувате преку вашата тастатура, движењата на вашето глувче, страниците кои ги посетување и програмите кои ги стартувате. Како резултат на тоа, тие можат да ја поткопаат безбедноста на компјутерот и да откријат чувствителни информации за вас, вашите активности и вашите контакти. Компјутерите се инфицирани со шпионски софтвер на ист начин на кој добиваат со вируси, па многу од предлозите погоре се корисни и во одбраната против оваа втора класа на злонамерен софтвер. Бидејќи злонамерните веб-локации се главен извор на шпионски софтвер, треба да обратите поголемо внимание на веб-страниците кои ги посетувате и да бидете сигурни дека вашите поставувања на прелистувачот се безбедни.

    Асани: Сè ми звучи како нешто од шпионски филм. Дали мојот компјутер навистина е "инфициран со шпионски софтвер?"

    Мухиндо: Верувал или не, ова е навистина честа појава. Ако оние програми кои си ги презел од интернет, не прошириле вируси во твојот компјутер, постои голема можност дека си ги добил барем од една од веб-страниците кои ги посетуваш. Самиот факт дека користиш Windows и Internet Explorer ги зголемува шансите ова да се случи. Доколку досега не си го скенирал компјутерот за шпионски софтвер, се обложувам дека ќе бидеш изненаден колку веќе има инсталирано.

    Протившпионска заштита

    Можете да користите алатки со протившпионски софтвер за да го заштитите компјутерот од овој вид закани. Spybot е една таква програма и е навистина добра во идентификацијата и отстранувањето на одредени видови на злонамерен софтвер кои антивирусните програми едноставно ги игнорираат. Меѓутоа, исто како и со антивирусниот софтвер, навистина е важно редовно да се ажурираат дефинициите за злонамерен софтвер на Spybot и редовно да се скенираат податоците.

    Практично упатство: Започнете со Spybot – протившпионска заштита

    Спречување на ширењето на шпионски софтвер

    • Обрнете внимание кога пребарувате на веб-страници. Внимавајте за прозорци на пребарувачите кои се појавуваат автоматски, и прочитајте ги внимателно, наместо само да кликнете Yes (Да) или OK. Доколку не сте сигурни што треба да направите, треба да ги затворите „скок-прозорците“ кликнувајќи на X во горниот десен агол, отколку само да кликнете Cancel (Откажи). На овој начин можете да ги спречите веб-страниците да ве измамат да инсталирате злонамерен софтвер на компјутерот.
    • Подобрете ја безбедноста на вашиот интернет прелистувач, спречувајќи го автоматски да ги вклучи потенцијално штетните програми кои понекогаш се содржани во веб-страниците кои ги посетувате. Доколку користите Mozilla Firefox, можете да го инсталирате додатокот NoScript, како што е опишано во дел 4 од Упатството за Firefox.
    • Никогаш не прифаќајте или стартувајте таков вид содржини, ако доаѓаат од веб-локации кои не ви се познати и на кои не им верувате.

    Асани: Сум слушнал дека 'Java applets' и 'ActiveX controls' можат да бидат опасни. Но не знам за што всушност се работи.

    Салима: Тие се само различни примери на истото нешто: мали програми кои твојот пребарувач повремено ги презема заедно со страницата која во моментот ја читаш. Веб-дизајнерите ги користат за да создаваат покомплексни страници, но тие можат да пренесат вируси и шпионски софтвер. Не мораш премногу да се грижиш за тоа како всушност работат, сè додека го имаш инсталирано NoScript и тој работи без никакви проблеми.

    Заштитни ѕидови

    Заштитниот ѕид е првата програма на компјутерот низ која минуваат влезните податоци од интернет. Исто така, тој е последната програма која се занимава со излезните информации. Како што обезбедувањето, поставено на вратата на една зграда, одлучува кој може да влезе и кој може да излезе, заштитниот ѕид ги добива и ги проверува сите влезни и излезни податоци и донесува одлуки за тоа. Секако многу е важно да се има одбрана од нечувствителни интернет-врски и локални мрежи, кои би можеле на хакерите и вирусите да им овозможат слободен пат до компјутерот. Всушност, и следењето на излезните врски кои потекнуваат од вашиот сопствен компјутер, не е помалку важно.

    Еден добар заштитен ѕид ви овозможува да изберете дозволи за пристап за секоја програма на компјутерот. Кога една од овие програми се обидува да се поврзе со надворешниот свет, вашиот заштитен ѕид ќе го блокира обидот и ќе ве предупреди, освен ако не ја препознае програмата и потврди дека сте дале дозвола да се оствари тој вид врска. Ова е така, во голема мера, за да се спречи постоечкиот злонамерен софтвер да шири вируси или поканува хакери во компјутерот. Во овој поглед, заштитниот ѕид обезбедува и втора линија на одбрана и систем за рано предупредување, што може да ви помогне да препознаете кога е загрозена безбедноста на компјутерот.

    Софтвер за заштитен ѕид

    Последните верзии на Microsoft Windows вклучуваат вграден заштитен ѕид, кој се вклучува автоматски. За жал, заштитниот ѕид на Windows е ограничен на многу начини, на пример, не ги испитува излезните врски. Сепак, постои одлична * бесплатна* програма наречена Comodo заштитен ѕид, која е подобра во одржување на безбедноста на компјутерот.

    Практично упатство: Како да започнете со употреба на Comodo Firewall Guide

    Спречување на нечувствителни мрежни врски

    • На компјутерот каде работите со чувствителни информации инсталирајте само програми од суштинско значење и уверете се дека потекнуваат од доверлив извор. Деинсталирајте го софтверот што не го користите
    • Исклучете го компјутерот од интернет кога не го користите, и исклучете го целосно во текот на ноќта
    • Не споделувајте ја вашата лозинка за Windows со никого.
    • Ако имате вклучено некои Windows услуги кои повеќе не ги користите, треба да ги исклучите. Погледнете го делот Дополнителни информации за повеќе информации
    • Проверете дали сите компјутери поврзани во мрежата на канцеларијата имаат инсталирано заштитен ѕид </li>
    • Ако сè уште немате таков, би било добро да размислите за инсталирање на дополнителен заштитен ѕид за заштита на целата локална мрежа во канцеларијата. Многу комерцијални широкопојасни * портали* вклучуваат лесен за употреба заштитен ѕид, и со неговата употреба вашата мрежа може да биде многу побезбедна. Ако не сте сигурни од каде да почнете, можете да побарате помош од оној кој помогнал да се постави вашата мрежа

    Асани: Значи, сега велиш да инсталирам антивирус, протившпионски софтвер и заштитен ѕид? Дали мојот компјутер може да го поднесе ова?

    Мухиндо: Апсолутно. Всушност, овие три алатки се апсолутниот минимум, доколку сакаш да си безбеден на интернет овие денови. Тие се направени да работат заедно, така што инсталирањето на сите не треба да предизвикува никакви проблеми. Меѓутоа запомни дека не треба да вклучиш две антивирус програми или два заштитни ѕидови во исто време.

    Редовно ажурирање на вашиот софтвер

    Компјутерските програми се често големи и сложени. Неизбежно е дел од софтверот кој го користите редовно да содржи неоткриени грешки, и затоа веројатно е дека некоја од овие грешки може да ја поткопа безбедноста на компјутерот. Меѓутоа програмерите постојано ги наоѓаат овие грешки и издаваат надградби кои ги поправаат. Затоа од суштинско значење е често да се ажурира целиот софтвер во компјутерот, вклучувајќи го и оперативниот систем. Ако Windows не се ажурира самиот автоматски, можете да го конфигурирате да го стори тоа со кликнување на менито Start, избирање на All Programs (Сите програми) и кликнување на Windows Update (Ажурирање на Windows). Ова ќе го отвори Internet Explorer и ќе ве однесе до страницата за ажурирање на Microsoft, каде што можете да ја изберете функцијата Automatic Updates (Автоматско ажурирање).

    Погледнете го делот Дополнителни информации за повеќе информации.

    Исто така, важно е да бидете сигурни дека сте го ажурирате останатиот софтвер инсталиран на компјутерот. Со цел да го направите тоа, прво треба да знаете кои програми ги имате на компјутерот, а можеби и да ги деинсталирате оние кои не се од суштинско значење (на Windows одете во Control Panel (Контролен панел) и Programs (Програми) или Add/Remove Programs (Додај или отстрани програми)). Потоа би било добро да се провери дали секоја програма е со најновата верзија, како може да биде ажурирана и дали автоматски ќе се ажурира во иднина.

    Редовно ажурирање со бесплатни и ССОК (слободен софтвер со отворен код) алатки

    Комерцијалниот софтвер често бара доказ дека сте го купиле легално пред да дозволи ажурирање. На пример, ако користите пиратска копија на Microsoft Windows, тогаш таа не би можела да се ажурира, нешто што ќе ја зголеми ранливоста за вас и вашите информации. Бидејќи немате важечка лиценца, се ставате себеси и другите во ризик. Со употребата на нелегален софтвер може да се појават и нетехнички ризици. Властите во поголем број земји почнаа да проверуваат дали организациите поседуваат важечка лиценца за секој вид софтвер кој го користат. Полицијата конфискуваше компјутери и затвори организации врз основа на „софтверското пиратство“. Ова оправдување може да биде злоупотребено многу лесно во земји каде што властите имаат политички причини да се мешаат во работата на одредена организација. За среќа, не морате да купите скап софтвер за да се заштитите од ова.

    Силно препорачуваме да ги испробате бесплатните или ССОК (слободен софтвер со отворен код) алтернативи на кој било вид комерцијален софтвер кој тековно го користите, особено оние програми кои не се лиценцирани. Бесплатните и ССОК FOSS алатки често се напишани од волонтери и непрофитни организации кои ги објавуваат, па дури и ги ажурираат, бесплатно. Особено, ССОК алатките се сметаат за посигурни од комерцијалните, бидејќи се развиваат на транспарентен начин, кој овозможува нивниот изворен код да биде прегледан од група на разни експерти, од кои секој би можел да идентификува можни проблеми и да придонесе со решенија за нив.

    Многу ССОК апликации изгледаат и работат речиси на ист начин како комерцијалниот софтвер за кој биле напишани да го заменат. Во исто време, можете да ги користите овие програми заедно со комерцијалниот софтвер, вклучувајќи го и оперативниот систем Windows, без никакви проблеми. Дури и ако вашите колеги да продолжат да користат комерцијална верзија на одреден тип програма, сè уште можете да разменувате датотеки и споделувате информации со нив многу лесно. Особено, може да се разгледа заменување на Internet Explorer, Outlook или Outlook Express и Microsoft Office со Firefox, Thunderbird и LibreOffice.

    Всушност, дури би можеле да се движите и настрана од оперативниот систем Microsoft Windows, и да се обидете со користење на побезбедна ССОК алтернатива наречена GNU/Linux. Најдобар начин да дознаете дали сте подготвени за таква промена, е едноставно да проба системот. Можете да симнете на LiveCD верзија на Ubuntu Linux, да го изрежете на ЦД или ДВД, да го ставите во компјутерот и да го престартувате. Кога ќе заврши вчитувањето, компјутерот ќе работи на GNU/Linux и можете да одлучите што мислите. Не грижете се, ништо од тоа не е постојано. Кога ќе завршите, едноставно го исклучувате компјутерот и го отстранувате Ubuntu LiveCD. Следниот пат кога ќе го стартувате и ќе се вратите во Windows, сите ваши апликации, поставувања и податоци ќе бидат онака како што сте ги оставиле. Во прилог на општите безбедносни предности на софтвер со отворен код, Ubuntu има бесплатна и лесна за употреба алатка за ажурирање која ќе помогне вашиот оперативен систем и голем дел од останатиот софтвер да не стане застарен и несигурен.

    Дополнителни информации