9. Како да се заштитите себе си и вашите податоци кога ги користите локациите за социјално вмрежување

Содржина

...Loading Table of Contents...

    Интернет-заедниците постоеле уште од измислувањето на интернет. Прво се појавиле огласните табли и листи на е-пошта, што им овозможило на луѓето од целиот свет да се поврзат, да комуницираат и да споделуваат информации за одредени предмети. Денес, веб-страниците за социјално вмрежување во голема мера го проширија опсегот на можни интеракции, овозможувајќи споделување на пораки, слики, датотеки, дури и моментални информации за она што го правите и каде сте. Овие функции не се нови или единствени – сите овие активности исто така можат да се извршат преку интернет, без приклучување на локација за социјално вмрежување.

    Иако овие мрежи можат да бидат навистина корисни, и промовираат социјална интеракција со и без интернет, и кога ги користите, им овозможувате пристап до информации на луѓето кои сакаат да ги злоупотребат. Замислете ја локацијата за социјално вмрежување како огромна забава. Има луѓе кои ги познавате, и лица кои воопшто не ги знаете. Замислете дека се движите низ таа забава со сите ваши лични информации и моментални објави за што размислувате, запишани на огромен знак залепен на вашиот грб, така што сите можат да го прочитаат без да знаете. Дали навистина сакате сите да знаат сè за вас?

    Запаметете дека локациите за социјално вмрежување се сопственост на приватни бизниси, и заработуваат пари со собирање податоци за поединци и продавање на тие податоци, особено на некои надворешни рекламни агенти. Кога ќе се регистрирате на некоја социјална мрежа, ја напуштате слободата на интернет и влегувате во мрежа со која владеат и ја администрираат сопствениците на таа страница. Поставувањата за приватноста можат да ве заштитат само од другите членови на социјалната мрежа, но не ги заштитуваат вашите податоци од сопствениците на услугата. Всушност вие им ги давате вашите податоци на сопствениците и им верувате дека нема да ги злоупотребат.

    Ако работите со чувствителни информации и теми, и сте заинтересирани да ги користите услугите за социјално вмрежување, важно е да сте свесни за проблемите во однос на приватноста и безбедноста кои тие ги предизвикуваат. Бранителите на човекови права се особено ранливи пред опасностите на локациите за социјално вмрежување и треба да бидат екстремно внимателни со информациите кои ги откриваат за себе и за луѓето со кои соработуваат.

    Пред да користите некоја локација за социјално вмрежување, важно е да разберете како тие ве прават ранливи, а потоа да преземете чекори да се заштитите себе и луѓето со кои соработувате. Ова упатство ќе ви помогне да ги разберете импликациите за безбедноста при употребата на социјалните мрежи.

    Пример на сценарио:

    Мансур и Магда се бранители на човекови права од Северна Африка. Тие организираат марш кој треба да се одржи во еден голем град. Тие сакаат да го користат Facebook за објавување на настанот. Загрижени се дека властите би можеле да се бидат известени за ова и дека секој кој покажал интерес за настанот можеле да биде следен. Планираат да користат Twitter за време на маршот за да објавуваат известувања за напредокот на маршот. Но, што ако полицијата ги следи твитовите и испрати единици да ги пресретнат демонстранти? Мансур и Магда размислуваат за тоа како да споделат слики и видеа на маршот, без да го откријат идентитетот на учесниците, бидејќи тие се загрижени учесниците можат да бидат прогонувани.

    Не ве охрабруваме комплетно да престанете со употреба на алатките за социјално вмрежување. Меѓутоа треба да преземете соодветни безбедносни мерки, за да можете да ги користите овие алатки без да се ставите себе, или кој било друг, во ризична позиција.

    Што може да научите од ова поглавје

    • Зошто е лесно да се откријат чувствителни информации преку социјалните мрежи
    • Како да ги заштитите вашите и туѓите информации кога ги користите социјалните мрежи

    Општи совети за користење на алатки за социјално вмрежување

    • Секогаш поставете ги прашањата:
      • Кој може да пристапи до информациите кои ги објавувам на интернет?
      • Кој ги контролира и поседува информациите кои ги објавувам на локациите за социјално вмрежување?
      • Кои информации за мене моите контакти ги пренесуваат на други луѓе?
      • Дали на моите контакти ќе им пречи ако споделам информации за нив со други луѓе?
      • Дали им верувам на сите со кои сум поврзан(а)?
    • Секогаш бидете сигурни дека користите безбедни лозинки за да пристапите до социјалните мрежи. Ако некој друг се обиде да влезе во вашата корисничка сметка, ќе добие пристап до многу информации за вас и сите со кои сте поврзани преку таа социјална мрежа. Имајте рутина редовно да ги менувате лозинките. Погледнете во поглавје 3. Како да се создаваат и одржуваат сигурни и безбедни лозинки за повеќе информации.

    • Бидете сигурни дека ги разбирате стандардните поставувања за приватноста кои ги нудат локациите за социјално вмрежување, и како можете да ги промените.

    • Размислете да користите различни кориснички сметки/идентитети, или можеби различни псевдоними, за различните кампањи и активности. Запаметете дека клучот за безбедно користење на мрежа е да можете да им верувате на нејзините членови. Посебните кориснички сметки се добар начин да се овозможи таквата доверба.

    • Бидете внимателни кога пристапувате до вашата корисничка сметка на социјална мрежа во јавни места за употреба на интернет. Избришете ја вашата лозинка и историја на прелистување кога користите прелистувач на јавна машина. Погледнете во поглавје 6. Како да ги уништите чувствителните информации.

    • Пристапете до локациите за социјално вмрежување користејќи https:// за да го заштитите вашето корисничко име, лозинка и други информации кои сте ги објавиле. Доколку користите https:// наместо http:// додавате уште еден слој на заштита со шифрирање на сообраќајот од вашиот прелистувач до локацијата за социјално вмрежување. Погледнете во поглавје 8. Како да останете анонимни и да ја заобиколите цензурата на интернет.

    • Бидете внимателни да не приложите премногу информации во вашите објави – дури и да им верувате на лицата во вашите мрежи. Навистина е лесно за секој што сака да ги копира вашите информации.

    • Поголемиот број на социјални мрежи ви овозможуваат да ги интегрирате информациите со други социјални мрежи. На пример можете да објавите нешто на вашата корисничка сметка на Twitter и истото автоматски да биде објавено на вашата корисничка сметка на Facebook. Бидете особено внимателни кога ги интегрирате вашите кориснички сметки на социјални мрежи! Можеби сте анонимни на едната страница, но на другата се изложени.

    • Бидете внимателни за безбедноста на вашите содржини на локација за социјално вмрежување. Никогаш не потпирајте се на локација за социјално вмрежување како примарен домаќин за вашите содржини или информации. Многу е лесно за владите да го блокираат пристапот до локација за социјално вмрежување во склоп на нивните граници, ако сметаат дека нејзините содржини се неприфатливи. Администраторите на една локација за социјално вмрежување исто така можат да одлучат самите да ги отстранат неприфатливите содржини, отколку да се соочат со цензурата во одредена земја.

    Објавување на лични податоци

    Социјалните мрежи ви бараат голем број на податоци за вас, за да им олеснат на корисниците да ве пронајдат и да се поврзат со вас. Можеби најголемата опасност за корисниците на овие локации е можноста за измама со идентитетот, која се повеќе се користи. Покрај тоа, колку повеќе информации за себе откриете на интернет, толку полесно ќе им биде на властите да ве идентификуваат и да ги следат вашите активности. Активностите на интернет на активистите од дијаспората од некои земји, доведоа до таргетирање на членови на семејството од страна на властите во нивните татковини.

    Запрашајте се: дали е потребно да се објават следните информации на интернет?

    • датум на раѓање
    • телефонски броеви за контакт
    • адреси
    • детали за членови на семејството
    • полова ориентација
    • образование и работно место

    Пријатели, следбеници и контакти

    Првото нешто кое ќе го направите откако ќе ги внесете вашите лични информации, во која било апликација за социјално вмрежување, е воспоставувањето на врски со други луѓе. Веројатно овие контакти се луѓе кои ги познавате и на кои им верувате – но исто така може да се поврзувате до интернет-заедница со истомисленици кои не сте ги сретнале претходно. Најважно е да знаете кои информации ги споделувате со оваа интернет-заедница.

    Кога користите корисничка сметка на социјална мрежа како на пример Facebook, каде се чуваат многу информации за вас, размислете за тоа да се поврзете само со луѓе кои ги знаете и на кои им верувате дека нема да ги злоупотребат информациите кои ги објавувате.

    Нови објави

    На Twitter и Facebook и сличните мрежи, новите објави одговараат на прашањата: Што правам во моментот? Што се случува? Најважно за новите објави е да знаете кој всушност може да ги види. Стандардните поставувања за ажурирањето на статусот, на поголемиот број апликации за социјално вмрежување, се дека сите на корисници интернет можат да ги видат истите. Ако сакате само вашите контакти да ги гледаат објавите, треба да и кажете на апликацијата за социјално вмрежување да ги скрие вашите објави од сите останати.

    За да го направите ова на Twitter, побарајте го делот за „Protect Your Tweets“ (Заштити ги твоите твитови). На Facebook, изменете ги вашите поставувања за да ги споделите вашите објави само со пријателите „Friends Only“. Дури и ако ги измените тие поставувања, размислете за тоа колку е лесно вашите информации да бидат повторно објавени од следбениците и пријателите. Договорете се со вашата мрежа на пријатели за еден општ пристап кон пренесувањето на информации објавени на вашите кориснички сметки за социјално вмрежување. Исто така треба да размислите за тоа што го откривате за вашите пријатели, кое тие можеби не сакаат да го споделат со други луѓе; важно е да внимавате во однос на ова, и да ги замолите другите да бидат внимателни со информациите кои ги откриваат за вас.

    Постојат многу инциденти во кои информациите објавени биле користени против луѓето. Учители во САД биле отпуштени од работа откако објавиле што мислат за своите ученици; други вработени ги изгубиле своите работни места бидејќи објавувале информации за своите работодавачи. Ова е нешто за кое сите треба да бидат внимателни.

    Споделување интернет-содржини

    Лесно е да се сподели врска до некоја веб-локација и да го добиете вниманието на вашите пријатели. Но кој друг ќе обрне внимание на тоа каква реакција ќе добиете? Ако покажете дека ви се допаѓа некоја локација која е на некој начин поврзана со уривање на некој репресивен режим, тој режим може да ве забележи и да ве таргетира.

    Ако сакате вашите контакти да бидат единствените кои ги гледаат нештата кои ги споделувате или означувате како интересни, проверете ги вашите поставувања за сигурноста.

    Откривање на вашата локација

    Поголемиот број на локации за социјално вмрежување ќе ја прикажат вашата локација доколку им се достапни тие податоци. Оваа функција е овозможена кога користите телефон со вклучен ГПС кој може да се поврзе со социјалната мрежа, но не претпоставувајте дека не е возможно ако не сте поврзани од мобилен телефон. Мрежата на која е поврзан компјутерот, може исто така да обезбеди податоци за локацијата. Најбезбедно е повеќе пати да ги проверите вашите поставувања.

    Бидете особено внимателни за поставувањата за прикажување на локација на фотографии и видео содржини. Не претпоставувајте дека нема да ја споделат вашата локација: повеќе пати проверете ги вашите поставувања, за да бидете сигурни.

    Погледнете во делот за локациона приватност „On Locational Privacy, and How to Avoid Losing it Forever“ од веб-локацијата на Electronic Frontier Foundation (Фондација за електронски граници).

    Споделување на видео/фотосодржини

    Фотографиите и видеата можат многу лесно да го откријат идентитетот на луѓето. Важно е да имате согласност на субјектот(ите) за секоја слика или видео кои ги објавувате. Ако објавите туѓа слика, размислете за тоа како ја загрозувате нивната приватност. Никогаш не објавувате видео или фотографија од други лица, без прво да добиете нивна согласност.

    Фотографиите и видеата можат, исто така, ненамерно да откријат многу информации. Многу камери вметнуваат скриени податоци (означување со метаподатоци), кои ги откриваат датумот, времето и местото на сликата, видот на фотоапарат/камера итн. Страниците за споделување фотографии и видеа можат да ги објават овие информации, кога прикачувате содржини на нивните локации.

    Инстант-разговори

    Многу локации за социјално вмрежување имаат алатки кои ви овозможуваат да разговарате со вашите пријатели во реално време. Овие работат како алатките за размена на инстант-пораки и се еден од најопасните начини на комуникација на интернет, бидејќи можат да откријат со кого комуницирате и за што комуницирате.

    Поврзувањето на локацијата преку https е минималниот критериум за безбеден разговор, но и ова не е секогаш гаранција дека вашиот разговор се одвива на безбедна врска. На пример разговорите на Facebook се одвиваат на канал кој нема HTTPS врска(и е полесен за откривање).

    Побезбедно е да користите конкретна апликација за разговор, како на пример Pidgin со дополнителната компонента Off-the-record, кој користи шифрирање. Прочитајте го практичното упатство Pidgin со OTR – безбедни инстант-пораки.

    Придружување/создавање на групи, настани и заедници

    Кои информации им ги давате на луѓето доколку се приклучите на група или заедница? Што откриваат тие за вас? Исто така, каква порака се испраќа до светот доколку некои лица се приклучат на групата и заедницата која вие сте ја создале? Под каков ризик подлежат?

    Кога ќе се приклучите на заедница или група на интернет, на останатите луѓе им откривате нешто за вас. Во целина, луѓето може да претпостават дека ќе го поддржувате и се согласувате со она кое групата го вели или прави, што би можело да те направи ранливи доколку, на пример, сакате да се приклучите на одредени политички групи. Исто така, ако се придружите на група со голем број на членови кои не ги знаете, тогаш ова може да ја загрози приватноста или поставувањата за безбедност кои сте ги примениле на вашата корисничка сметка, и затоа размислите за тоа кои информации ги оддавате, пред да се приклучите на некоја група. Дали користите вашата фотографија и вистинското име, преку кои непознатите можат да ве идентификуваат?

    Исто така, ако вие направите група и луѓето се одлучат да се приклучат на неа, што објавуваат пред светот со тоа? На пример, можеби е група за поддршка на хомосексуалци, која сте ја направиле за да им помогнете на луѓето, но со приклучување на неа, луѓето отворено се идентификуваат како хомосексуалци или дека ги поддржуваат правата на хомосексуалците, што би можело да биде опасно за нив во вистинскиот свет.

    <div class="getstarted" markdown="1"> Практично упатство: Започнете со употреба на <br> Алатки за социјално вмрежување: Facebook, Twitter, YouTube и други </div>